Иако треба да се одигра уште едно коло од регуларниот дел од сезоната во Првата лига, сепак, познати се сите патници во плеј-оф и плеј-аут фазата.
Од групата А во прволигашкиот плеј-оф ќе играат екипите на Младост Богданци, Драчево, Јехона и Шампион. Патници во плеј-офот од групата Б се Бисинов, Радовиш, Металург РА и Македонија ЃП.
Натпреварите во плеј-аутот повеќе ќе бидат формалност, но сигурно дека екипите ќе дадат сѐ од себе за да остварат подобар пласман на табелата.
Во плеј-офот ќе има многу возбудувања за првите места, но и понатаму не се знае колку екипи би обезбедиле директен пласман во Супер лигата.
Минатата сезона од прволигашкиот плеј-оф директен пласман во Супер лигата обезбедија Мулти Есенс и Аеродром, додека Драчево играше бараж дуел со Вардар Неготино.
Единствената дилема пред последното коло во групата А е дали Младост Богданци или Драчево ќе пренесат три бода во разигрувањето за Супер лигата. Овие два тима ќе играат меѓусебе во салата „Млаз“.
Прва лига, плеј-оф:
Бисинов 3
Младост 3/2
Драчево 2/3
Радовиш 2
Јехона 1
Металург РА 1
Шампион 0
Македонија ЃП 0
Тимовите на Текстилец, Астраион, Преспа Вардар, Борец, Овче Поле, Кичево и Партизан Гевгелија ќе се натпреваруваат во плеј-аутот, а таму по последното коло ќе биде познато која екипа колку бодови ќе пренесе.
До крајот на декември УО на РФМ треба да реши каков ќе биде системот на натпреварување в година, откако на Собранието во септември не беше прифатен предлогот да има две Супер лиги – А и Б.