Цветаноски: Вардар е двократен европски првак, без разлика на исходот – тоа нема да не демотивира

Ракометарите на Прилеп во сабота на свој терен ќе го пречекаат тимот на Вардар во натпревар од 4. коло од суперлигашката конкуренција.

Прилепчани се свесни за квалитетот и силата на Вардар, но се надеваат дека со помош на публиката можат да се претстават како добар ривал против „црвено-црните”.

Членот на Прилеп, Никола Цветаноски, вели дека е задоволен од постигнатото во претходните три кола, истакнувајќи дека во тимот има голем простор за напредок.

,,Јас сум задоволен од прикажаното во претходните три дуели, секако дека може подобро, има простор за напредок. Во првото коло го изненадивме Бутел, влеговме мотивирано, иако на неколку минути пред финишот губевме, сепак направивме камбек и ги освоивме бодовите. Со Пролет малку не поремети црвениот картон кој го добив во воведниот дел, додека Вардар Неготино се покажа како незгоден ривал, имавме многу грешки, промашени зицери со нив, но успеавме да оствариме важна победа”, вели Цветаноски.

Левиот бек очекува заедно со неговите соиграчи да го дадат максимумот против тимот на Вардар.

,,Во дуелот со Вардар влегуваме без притисок дека треба да се победи. Ќе се обидеме да парираме до крај, ќе дадеме сѐ од себе за да се претставиме во добро светло. Вардар е двократен европски шампион, тим кој е еден од кандидатите за освојување на домашната титула, ги знаеме неговите квалитети, направивме анализа, ќе биде тешко, но се надевам дека ќе им парираме и ќе се обидеме да извлечеме добар резултат. Без разлика каков ќе биде исходот, тоа нема да не демотивира”, додаде Цветаноски.

Струажанецот истакнува дека победата над Бутел Скопје била голем подвиг за клубот.

,,Секако дека со победата над Бутел Скопје имаме поголеми шанси за пласман во плеј-оф фазата. Сите ривали во групата се тешки, знаеме дека Еурофарм Пелистер и Вардар ќе завршат на првите две позиции, додека ние се надеваме на плеј-оф, односно на 3-4 место во нашата група. Ќе го дадеме максимумот на следните дуели, ќе се потрудиме да ги добиеме домашните и гостинските дуели со нашите главни ривали за плеј-офот. Победата над Бутел беше подвиг за остварување на зацртаните цели на клубот”, заврши Цветаноски.

Натпреварот меѓу Прилеп и Вардар ќе се одигра утре со почеток од 18:30 часот во спортската сала при при СОУ “Ристе Ристески-Ричко”. Влезот за сите љубители е слободен.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ГОЛДЕН АРТ1452717
2МУЛТИЕСЕНС1430119
3ВАРДАР НЕГОТИНО1420126

Имнадзе: Ќе се обидеме да му парираме на Вардар