Тоа што вчера го најави 24Ракомет, денеска доби официјализација од страна на Ракометната федерација на Македонија.
Нов селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија е Кристијан Грчевски, кој летово беше на клупата на кадетките.
Членови на неговиот стручен штаб ќе бидат Ања Алтхаус и Едуарда Аморим Талеска, а прв собир на сениорките ќе има во октомври.
„Ве известуваме, во делот на спроведување на програмските активности, а согласно член 35 од Статутот на РФМ , односно Член 3 точка 11 од Законот за здружение и фондации , Управниот Одбор на Ракометна Федерација на Македонија донесе Одлука за именување на г-дин Кристијан Грчевски за (ВД) Селектор на женската сениорска репрезентација , а во стручниот штаб се именувани за помошници тренери Ања Алтхаус и Едуарда Амоурим Талевска. Именуваните лица ќе бидат во функција вршители на должност (ВД) , за време период на одигрување на квалификациски натпревари за пласман на Women’s EHF EURO 2024“, се вели во соопштението на РФМ.
Сите тројца ќе бидат во функција ВД за време на квалификациите за ЕП 2024.
Македонија ги почнува квалификациите за ЕП 2024 со селекцијата на Азербејџан на домашен терен на 11 октомври, додека на 15 октомври и гостува на Литванија.
Во групата е уште првиот фаворит Шпанија, а двете најдобри во групата обезбедуваат пласман, заедно со четирите најдобри третопласирани од осумте квалификациски групи.