По комплетирањето на Европското и Азиското првенство, во самиот финиш е и Африканското првенство за младинки што се одржува во Тунис.
Овој настан е квалификациски за следниот Мундијал, што во јуни следната година ќе се одржува во Македонија.
Петте учесници од Африка што ќе дојдат во нашата држава на СП се полуфиналистите – Ангола, Тунис, Египет и Гвинеја, како и селекцијата на Алжир која го освои петтото место.
Покрај Македонија и петте африкански селекции, досега се познати уште 13 претставници од Европа (Чешка, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Исланд, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Португалија, Романија, Шведска, Швајцарија) и пет од Азија (Кина, Иран, Јапонија, Кинески Тајпеј, Јужна Кореја).
Дополнително треба да се одиграат европските квалификации каде од четири селекции, само една ќе обезбеди билет за СП, како и првенствата на Северна Америка и Кариби, односно Средна и Јужна Америка, плус интерконтинентална фаза од ИХФ трофејот за земји во развој, кој исто така дава еден претставник.