Женската сениорска репрезентација на Македонија ќе добие нов селектор на помалку од месец дена до стартот на квалификациите за Европското првенство 2024 година во Унгарија, Австрија и Швајцарија. По прекинот на соработката со Љубомир Савевски, откако не се пласиравме на СП, остана неколкумесечна празнина во која женскиот сениорски тим немаше никаква активност. На неполн месец пред почетокот на квалификациите конечно сениорките ќе имаат предводник на клупата.
Според информациите на 24Ракомет, нов селектор на сениорките треба да биде Кристијан Грчевски. Разговорите со него се веќе завршени, деталите договорени, и пред да биде официјално претставен треба само да биде потврден на УО на РФМ.
Новиот предводник на дамите има играчка кариера во Вардар, Металург, Пролет…потоа работеше во младинската академија на Вардар, пред да му стане помошник на Игор Котевски во Бутел Скопје каде продолжи да работи како тренер. Грчевски претходниве неколку сезони беше тренер на Бутел и со екипата ги оствари најдобрите резултати на скопјани, двапати играјќи во европските купови.
Потоа имаше успешна авантура во Саудиска Арабија, каде му беше аситент на Зоран Кастратовиќ на селекторската клупа. Летово Грчевски беше селектор на кадетската женска репрезентација на Македонија со која беше дел од ЕП во Црна Гора, но без некој забележителен успех.
Со Грчевски на клупата би требало да бидат две легендарни ракометарки – Ања Алтхаус и Едуарда Аморим Талеска. И двете сега живеат во Македонија. Алтхаус остана да живее во Македонија по завршувањето на кариерата, имаше ангажман во тимот на Скопје и во репрезентацијата во ракомет на плажа.
Аморим Талеска се врати во Македонија по долги години кога настапуваше за Ѓер, Ростов Дон и ЧСМ Букурешт. Беше кратко време дел од националниот тим за бараж двомечот со Украина, пред да замине на породилно отсуство.
Македонија е во група со Шпанија, Азербејџан и Литванија во квалификациите за ЕП 2024 година. Првиот меч го играме дома во Скопје на 11 октомври против Азербејџан, додека втората средба е на гостински терен кај Литванија на 15 октомври. За пласман на ЕП треба да бидеме најмалку второпласирани во групата во која фаворит е токму Шпанија.
Последен пат Македонија играла на големо натпреварување на кое сме се пласирале преку квалификации во 2012 година на ЕП во Србија. Тогаш селектор беше Гино Стрезовски. Потоа имаше голема пауза, и во 2022 година бевме домаќини на ЕП каде како соорганизатори заедно со Словенија и Црна Гора ги собравме најдобрите репрезентации од Европа.