Тимот на Вардар го прекина постот од три сезони во Супер Купот и го освои четвртиот трофеј во ова натпреварување, откако во Струмица славеше против големиот ривал Еурофарм Пелистер со 30-26 во интересен натпревар. Клучната разлика вардарци ја направија во финишот, бидејќи до 57 минута се играше егал натпревар и ниедна од екипите немаше повисока предност од два гола. Иако победата од четири гола не го отсликува вистинскиот однос на силите, сепак Вардар заслужено се радуваше на домашен трофеј по европската елиминација.
Се играше гол за гол на стартот до 3-3, пред Тајник и Радивојевиќ да донесат за првпат плус два за Еурофарм Пелистер, 5-3. Битолчани немаа решение за Јасухира, кој изнуди два пенали, а ги реализира Срдановиќ.
По 8-6 за Еурофарм Пелистер, вардарци со одлична одбрана спречија три напади на пелистерци и направија комплетен пресврт, 9-8 со голот на Петриќ. Левиот бек потоа израмни и на 10-10.
Кисум реализираше два прекрасни гола со силни удари од далечина во голот на Вардар, но следуваше одговор и на спротивната страна од сигурниот пеналџија Срдановиќ за 13-13.
Вардарци не успеаја да погодат од последниот напад, откако шутот на Петриќ заврши покрај голот на пелистерци, а имаше кратко време за тие да организаираат напад и на пауза се замина со реми.
Супер Куп 2023
Томовски одлично го отвори вториот дел со три одбрани за четири минути. Му одбрани зицер на Пешевски, удар на Кисум, а неговите соиграчи успеаја да го преземат водството со головите на Срдановиќ и Мишевски, 15-14.
За првпат Вардар водеше со плус два во 37. минута, 16-14, но Еурофарм Пелистер преку Цехте и Танкоски набрзина го врати мечот во егал и најави возбудлива завршница на шестото издание на македонскиот Супер Куп.
Аларов влезе во игра и веднаш погоди, за 19-18, играта се забрза на двете страни и гледавме брз ракомет со многу погодоци гол за гол. На десетина минути до крај Вардар одново се врати на плус два, 25-23 по голот на Лазаревски.
Не се откажуваа пелистерци од бркање на негативата, па по тајм-аутот на Јовиќ, Радивојевиќ искористи шанса и намали на минус еден, но не беше искористена шансата за реми.
Јасухира постигна еден атрактивен гол, а Томовски со двојна одбрана ја крена публиката на нозе. Кога Петриќ погоди на две минути до крајот за 28-25 веќе беше јасно дека Вардар е блиску до трофеј.
По промашувањето на Василев почна славјето на вардарци, кои со трофеј во Супер Купот ги залечија раните по елиминацијата во Европа. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Марко Срдановиќ со осум и Стефан Петриќ со седум гола, додека Мартин Томовски имаше девет одбрани. Кај Еурофарм Пелистер се истакнаа Богдан Радивојевиќ со седум и Каспер Кисум со шест погодоци. Следен предизвик за вардарци ќе бидат суперлигашките средби, додека битолчани ги чека првиот меч од Лигата на шампионите на домашен терен против норвешкиот Колстад.