Машката кадетска репрезентација на Македонија на стартот на Светското првенство во Хрватска доживеа пораз од Норвешка со два гола разлика, 27:25. Кадетите на Македонија можеа да се изборат барем за реми, но нивните посискусни врсници од Норвешка не дозовлија поделба на бодовите.
Скандинавската селекција ги искористи грешките на „црвено-жолтите“ во воведниот дел и имаше предност од 2:0 во воведните пет минути. Македонија првиот гол го постигна преку Андреј Стојановски, кој намали на 2:1. Ниту Норвешка не играше најдобро, но македонската репрезентација никако не можеше да најде дупка во одбрамбената зона 6-0 на норвежаните.
За десет минути игра во таборот на Македонија имаше две исклучувања, додека кај Норвешка ниту едно. Андреј Стојановски најпрво со својот втор гол го прекина кризниот период на Македонија, намали на 3:2, потоа следуваше голот на средниот бек Калајџиески за 3:3.
Откако Македонија направи камбек, репрезентацијата на Норвешка реализираше два брзи гола и успеа да се одлепи на 5:3. Ривалот на Македонија од 20-та минута, па до 28-та минута имаше константна предност од три гола разлика, во еден момент имаше плус четири, 9:5.
Избраниците на Раде Стојановиќ пред паузата им се заканија на норвежаните, постигнаа три гола во низа и дојдоа до гол негатива, 10:9. По 30 минути игра, резултатот беше 11:9 во корист за Норвешка.
На почетокот на вториот дел следуваше фуриозен старт на Норвешка, која за неколку минути дојде до плус шест гола разлика, 16:10. Сепак, Македонија не се откажуваше, се разигра организаторот на играта Калајџиески и со неговите голови се стопи предноста на Норвешка, па така резултатот во 37-та минута беше 16:14.
Во желбата да направат камбек, избраниците на Стојановиќ се почесто правеа грешки. Норвешка во 45-минута повторно дојде на пет разлика, поведе со 21:16 и во последните десет минути немаше голема комоција во играта. Во 52-та минута црвен картон заработи селекторот на Македонија, Раде Стојановиќ.
Македонските кадети иако има четири гола негатива пред финишот, губеа со 24:20, во последните минути се вратија во игра и намалија на 25:24. Во последната минута беше постигнат гол на Норвешка за 26:24, по што немаше доволно време за сензација на македонската репрезентација.
Најефикасен во таборот на Македонија беше средниот бек Мирче Калајџиески со седум погодоци, по три постигнаа Дамјан Митев и Стојановски. Кај Норвешка прво име беше левото крило Мариус Олсет со девет погодоци.