Родителите финансираа, а ракометарите собираа донации за да играат на СП!

Селекцијата на Нов Зеланд ќе биде еден од аутсајдерите на претстојното Светско првенство за кадети во Хрватска, каде ќе игра и Македонија.

Нов Зеланд обезбеди мундијалско место преку ИХФ трофеј Океанија, откако заврши на второто место зад Тахити (кои немаат право на настап), а беше подобар од селекциите на Нова Каледонија, Австралија, Кукови Острови и Тонга.

Иако Нов Зеланд се соочуваше со големи потешкотии во организација на настапот и патувањето до Хрватска, сепак потрагата по финансии заврши успешно. Лимитираните ресурси на федерацијата беа причина самите играчи и нивните родители да се вклучат во потрагата на финансии.

 

Високата котизација, летовите до Европа…беа преголем товар. Веднаш откако обезбедија учество на СП лани во декември, ракометарите и родителите кои и сами донираа, организираа собири за донации – квизови, денови со скара, правење и продавање торти…

Низ тамошните медиуми се тврди дека овие настани не само што придонесуваа во буџетот за настапот на СП, туку и ја зголемуваа тимската хемија. Ракометарите со долг лет од Оукленд до Дубаи, а потоа од Дубаи до Будимпешта, пристигнаа покрај езерото Балатон, каде ќе имаат една недела тренинг камп пред да заминат за Вараждин.

Федерацијата на Нов Зеланд досега собра околу 40.000 долари од предвидените 50.000 за настапот на СП, а системот за донации е отворен до 2 август. Новозеланѓаните со помош на ИХФ ангажираа тренер од Германија, за да му асистира на стручниот штаб во подготовките за мундијалските натпревари.

Нов Зеланд е во група со Словенија, Унгарија и Мароко, и илузорно е да се надева на нешто повеќе во оваа конкуренција, но охрабрува фактот што ниту еднаш не се откажаа од настапот на СП иако се соочува со големи потешкотии. За разлика од Нов Зеланд, Австрија го откажа настапот на младинското СП во Германија, па на нивно место играше Норвешка.