Еден од помладите суперлигаши во Македонија, Еурофарм Пелистер 2, со новиот тренер, младиот стратег Михаил Петровски, денес стартуваше со подготовките за новата натпреварувачка сезона 2023/24.
Еурофарм Пелистер 2 во претходните три сезони играше во плеј-оф фазата, додека во сезона 2021/22 го оствари својот најдобар пласман од своето постоење, ја освои 4. позиција и се натпреваруваше во квалификациите од Лигата на Европа.
Во новата сезона вториот тим на македонскиот шампион ќе влезе со подновен состав, бидејќи од минатогодишниот ростер си заминаа седум ракометари, а дојдоа четворица.
Моментално нови ракометари во вториот тим на македонскиот шампион се десниот бек Стефан Трпчевски, кој минатата сезона настапуваше за шпански Бургос, кружниот напаѓач од Струга, Петар Маркоски и младиот голман од Вардар Неготино, Иван Младенов.
Во екипата се вратија Дејан Југовски и Симон Мирчески. Двајцата ракометари беа на позајмица во Прилеп за поголема минутажа.
Од Еурофарм Пелистер 2 заминаа Никола Стоилевски (Охрид), Мартин Јовановски (Анортозис), Павле Петровиќ и Емилијан Ѓорговски (Еурофарм Пелистер), Мерис Бошњак (Струга), Андре Буторац и Димитриј Блажевски.
Петровски се фати за работа – Еурофарм Пелистер 2 стартуваше со подготовките