Петровски се фати за работа – Еурофарм Пелистер 2 стартуваше со подготовките

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 со денешниот работен состанок и прв тренинг означи почеток на сезоната 2023/24.

Новиот тренер на тимот, младиот стратег Михаил Петровски, заедно со неговиот асистент Васко Димитровски, ја одработија првата тренинг сесија во спортската сала „Боро Чурлевски“.

Ростерот на Еурофарм Пелистер останува македонски, со неколку талентирани ракометари од регионот. На прозивката не присуствуваа младинските репрезентативци на Македонија, Самоил Ристевски и Ненад Белистојановски.

Моментално нови ракометари во вториот тим на македонскиот шампион се десниот бек Стефан Трпчевски, кој минатата сезона настапуваше за шпански Бургос, кружниот напаѓач од Струга, Петар Маркоски и младиот голман од Вардар Неготино, Иван Младенов.

Во екипата се вратија двајцата ракометари Дејан Југовски и Симон Мирчески, кои во Прилеп беа на позајмица.

Тимот на Петровски како дел од подготовките ќе одигра пријателски натпревари против првата екипа, додека кон крајот на месец август ќе учествува на турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп.