Од утре ќе стартуваат подготовките за новата сезона на двете најдобри македонски екипи, Вардар и Еурофарм Пелистер. „Црвено-црните“ и битолчани со големи промени во ростерите ќе ги „запалат“ моторите и тренинзите ќе ги одработуваат во Скопје, Битола и Маврово.
Вардарци ќе имаат три тест натпревари на Струшкиот турнир пред евро-обврските во Лигата на Европа, додека битолчани ќе тестираат со вториот тим, ќе играат на турнирите во Охрид и Добој, а пред стартот на Лигата на шампионите веројатно двете екипи ќе го одиграат и Суперкуп дуелот.
Охрид стартува со подготовки на 22 јули, со нов тренер – Стевче Алушовски и многу промени во ростерот, додека Тиквеш ќе почне со тренинзи на 31 јули. Еурофарм Пелистер 2 исто така со нов предводник, Михаил Петровски во Битола ќе се собере пред стартот на новата сезона.
Скопје, Прилеп и Бутел ќе стартуваат со подготовки на стартот на следната недела, исто како и тимовите на Алкалоид и Мулти Есенс.
Во првата недела од август со тренинзи ќе почнат Струга, Аеродром, Пролет и Голден Арт, додека неизвесно е кога ќе стартуваат Куманово и Вардар Неготино, кои се уште ги немаат комплетирано ростерите за претстојната сезона.
Во Македонија ќе се одиграат три турнири – Струшкиот турнир од 16 до 19 август, како и двата меморијални турнири во Охрид и Прилеп. „Крсте Андоновски – Усташ“ ќе се игра од 23 до 26 август, додека „Миле Нешкоски“ ќе биде на програмата од 25 до 28 август.
Голем дел од македонските екипи ќе имаат проверки на овие турнири, но дел од нив ќе одиграат и меѓународни тестови.