Малолетниот ракометар кој со екипата бил во Унгарија, и бил физички нападнат од тренерот, за што бил подоцна пријавен во полиција, уште додека биле во Унгарија почувствувал болки во увото и барал лекарска помош. Но, според сведоштвото на родителите на спортистот, ниту клубот имал обезбедно сопствен лекар со нив на патувањето, ниту пак тренерот побарал лекарска помош од домаќините кога момчето барало помош.
Инцидентот што се случи во Унгарија е актуелен веќе неколку денови, особено меѓу родители чии деца тренираат ракомет.
Но, се уште нема официјална потврда за превземени мерки од надлежните институции, меѓу кои се и Ракометната Федерација на Македонија, Агенцијата за спорт и млади, или изјава од засегнатиот клуб дали превземале мерки да се превенира во иднина да се повтори ваков инцидент, колку се сериозни повредите на на ракометарот и кој е тренерот по ракомет В.К., кој се спомнува во билтенот на МВР, и за кој родителот на малолетникот поднел пријава во полиција.
„Кога болките станале премногу силни во тек на ноќта во петокот, детето ни се јави нам, во Скопје и ни кажа дека му тече секрет со крв од увото. Повеќе од еден час бевме на линија, но не молеше да не му ѕвониме на тренерот затоа што се плашеше од него. Стравуваше дека може да има дополнителни проблеми следниот ден. Ние од дома му дадовме некои лекарства да му се најдат за секој случај, и тој самиот земал „парацетамол“. Но, болките не прекинувале. Утрината тренерот пак бил запознаен со ситуацијата. Иако му било кажано дека има болки кои се големи, го прашал дали нешто пиел. Потоа му дале повторно „парацетамол“, но без да направат лекарски преглед да се види што е причината за тоа. Кога се враќале за Скопје во автобус повторно му дале витамини и минерали за да може да ја издржи болката“, велат родителите кои инсистираат на анонимност за да го заштитиме и индетитетот на малолетниот ракометар.
По враќањето во Скопје момчето имало целосен лекарски преглед каде било утврдено дека повредите се од удирање. Да бил прегледан веднаш уште во Унгарија можеле да се спречат трајни последици.
Ова отвора уште една сериозна дилема, кој и зошто дозволил екипа составена од малолетни деца да отпатува во странство на ракометни натпревари без сопствен доктор? Дали спортистите кога патуваат имаат некакво осигурување, макар и минимално патничко кое покрива здравствени услуги?
И можеби најважното е дали некој и зошто се обидува случајот да се заташка, и никој да не знае за насилни тренери за кое на трибините родителите зборуваат отворено меѓу себе? Дали имало и други слични испади од тренерот кои клубот ги крие?
Дел до родителите чии деца биле на тој турнир, потврдуваат дека во екипата немало доктор што патувал со нив. Додека траел турнирот, иако македонскиот малолетен ракометар се пожалил кај својот тренер на силни болки во увото, ниту еднаш не ја добил бараната лекарска помош. А, тренерот за ракомет В.К. наводно му рекол:
„Да не ја правиме сега голема работата. Доста ми се жалиш дека те боли. Кажи ми дека си добар.“
ПРЕГЛЕДОТ НАПРАВЕН ВО СКОПЈЕ
Дури откако се вратила екипата од Унгарија, детето имало целосен лекарски преглед, во Скопје. Било направен педијатриски преглед, па и за уво, нос и грло, и констатирана повреда на левото уво. Докторите не навлегувале во предвидувања колкаво е оштетувањето, но објасниле дека ќе било подобро ако веднаш бил прегледан од лекар.
„Кога се вратија децата во Скопје, рано изутрина во 4 часот, застанав пред тренерот и го прашав: Зошто син ми не слуша со увото? Што му е на увото?. Немаше одговор на тоа. Само молчеше“, велат родителот на малолетниот повреден ракометар.
Потоа следувала пријава во полиција, каде биле дадени сите детали за инцидентот кој се најде и во официјалниот билтен на МВР. Родителите најавија правна завршница на целиот случај.
ЗА КАЗНА СЕ ДОБИВА „ТОСТЕР“
Сведоштвата на дел од децата кои биле во Унгарија се дека казната што се добива за одредена грешка од тренерот е „тостер“. Тоа е кога со двете раце ќе те удрат по ушите силно, исто како што тостерот од двете страни го „удира“ лебот кога го стиска.
Инцидентот со ракометарот и тренерот се случила во тек на натпревар играчот бил повикан од тренерот и добил „тостер“. Седнал на клупата, а потоа после неколку напади повторно го внеле во игра. Иако имал болки, и не слушал добро, тој сепак морал да игра.
„Детето уште за време на натпреварот откако бул удрен имал проблеми со слухот. Ни кажа дека едноставно бил зашеметен, и не слушал добро. Но, и покрај тоа морал да игра“, велат родителите на малолетникот.
ТРЕНЕРОТ СЕ УШТЕ РАБОТИ СО ЕКИПАТА
Додека јавноста бруи околу непрофесионалното однесување на тренерот на клубот, дознаваме дека тој останува на истата функција и продолжува со тренинзите на ракометарите. И не само со таа екипа, туку и во ракометните школи на клубот.
Според информациите кои се, пак, јавно достапни, единствен клуб што во меѓувреме ја извести јавноста преку својата Фејсбук група дека ќе учествува на турнир во Унгарија е „Алкалоид“. Изјава побаравме од речиси сите раководни лица во клубот, но до објава на овој текст се уште нема одговор.
Нови детали од инцидентот во Унгарија: Ракометарот има повредено уво и можни трајни последици