Актуелниот шампион на Србија, Војводина, во првиот финален дуел против Партизан славеше на продолженија со 34:28, откако регуларниот дел заврши без победник 26:26. Натпреварот, кој беше одигран во „Слана Бара“ во Нови Сад, остана во сенка на инцидентот, на кој реализатори беа играчите од двете екипи.
Имено, во 26-та минута од натпреварот при предност на домаќините од 12:6 настана голем хаос на теренот. Екс ракометарот на Вардар и сегашен актуелен член на Партизан, Вук Лазовиќ, имаше груб старт врз членот на Војводина, Мохамед Аиди. Откако Лазовиќ направи старт, играчите на двете екипи влегоа во физички конфликт, имаше турканици, по неколку боксови, шлаканици…
По натпреварот, тимот на Партизан излезе со соопштение, во кое го осудува однесувањето на навивачите на Војводина, како и на целиот играчки и стручен штаб нa клубот од Нови Сад.
,,Како актуелниот национален првак ги пречекува гостинските клубови покажува и фактот дека по натпреварот некои од симпатизерите на Партизан имале неколку искинати гуми на своите коли, па многумина не можеа да се вратат од Нови Сад. Атмосферата на линч и платените наслови во медиумите се срам за клуб кој има десет пати поголем буџет, кој е добиен од јавните претпријатиа. Тие можат да купат било кој играч, но не можат да купат навивачи. Однесувањето на тренерот на Војводина, Борис Ројевиќ е неприфатливо за некој кој пред се треба да биде педагог и пример за младите играчи. Доколку таков тренер повторно биде дел од некоја од селекциите во помладите категории, играчите на Партизан нема да играат во тие селекции. Штета што клубот кој девет години по ред ја освојува титулата го нема спортскиот дух и однесување како што доликува на еден шампион. Партизан нема да одговори на ист начин. Се боревме фер и спортски во текот на целата сезона и така ќе биде до самиот крај“, стои во дел од соопштението на клубот од Белград.
Вториот натпревар од финалната серија ќе се одигра во среда на 24 мај во Белград, а шампион ќе биде клубот кој прв ќе стигне до две победи.
ХАОС ВО СРБИЈА: Се испотепаа ракометарите на Војводина и Партизан (ВИДЕО)