Ракометарите на Прилеп на гостувањето во Куманово кај истоимената екипа одиграа нерешено 28:28 и со освоениот бод изборија сигурен опстанок во суперлигашката конкуренција. Прилепчани и следната сезона ќе можат да уживаат во квалитетни дуели од македонската елита.
По играта гол за гол во воведниот дел, односно по водството на домаќинот од 4:3, гостинскиот состав од Прилеп направи одлична серија од 5:0 и по првата половина од првиот дел дојде до дотогаш највисоките четири гола позитива, 8:4. Куманово се обидуваше да се врати во игра, но прилепчани беа поконкретни во нападите, имаа неколку разиграни ракометари, па така предноста на гостите во 20-та минута беше 11:8.
Куманово наместо да дојде до помала негатива и да се врати во игра, имаше „црна дупка“ пред финишот од првото полувреме. Прилеп во еден момент дојде до пет гола разлика, предноста која беше максимална на овој натпревар, поведе со 15:10, но убедливата предност не ја сочува, бидејќи Куманово со серија од 3:0 намали на 15:13. На полувреме резултатот беше 16:13 во корист за гостинскиот табор.
Продолжението донесе промена на резултатот и голема борба. Најдобриот стрелец во редовите на Куманово, Мрвовиќ, продолжи со голгетерскиот ритам и беше главниот виновник за пресвртот на теренот. Куманово за неколку минути игра најпрво израмни на 16:16, потоа во 40-та минута направи целосен пресврт и по нерешени 18:18 дојде до плус три, 21:18.
Иако домаќините имаа 23:20, сепак, Прилеп речиси се врати во игра и намали на 23:22. Ракометарите на Куманово во последните десет минути влегоа со минимална предност од 24:23 и беше јасно дека за исходот од оваа средба може да одлучува еден шут. Прилеп во желбата да дојде до нерешено, направи грешка и дозволи домаќинот да зголеми на 25:23. Гостите не се откажуваа, постигнаа три гола во низа и ја презедео предноста во свои раце, дојдоа до еден позитива, 26:25.
Беше 28:28 во 58-та минута, а гостите со голот на Шокоски од пенал поведоа со 29:28. Во составот на Прилеп на минута пред крајот беше исклучен Чантурија, домаќините ја искористија ситуацијата со играч повеќе и преку Мрвовиќ го израмнија резултатот на 29:29. За Прилеп останаа нешто помалку од 15 минути, во кои не успеа да дојде до реализација.
Најефикасен во составот на Прилеп беше Давор Шокоски со седум погодоци, по шест постигнаа Лео Дамчевски и Реваз Чантурија. Кај Куманово прво име беше Вучко Мрвовиќ со осум погодоци.