Тиквеш со три бода се враќа од гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер 2 откако го совлада вториот тим на пелистерци со 25-30(12-17). Со овие бодови, на две кола до крај, кавадарчани ја предводат трката за последното место кое води во Европа, пред Охрид и Бутел кој ја загуби трката. Со новиот тренер на клупата Никола Матлиевски, Тиквеш одигра рутиниран и трпелив натпревар, во кој искуството ја донесе сигурна победа за гостинскиот тим.
Младите ракометари на Еурофарм Пелистер имаа добар почеток и ја контролираа играта и резултатот, така беше до 7. минута кога Тиквеш ги искористи непрецизните обиди на противникот и го насочи натпреварот во своја полза. Создаде предност од два гола. Разлика која на средина на вториот дел ја надоградија за уште еден гол. Но ниту тоа не беше гаранција за мирна завршница на натпреварот, напротив младите ракометари на Зарков го изедначија резултатот на 8-8 но немаа сили за повеќе. Следуваа минути на гостинските ракометари, во кои разликата се зголемуваше до максимални „плус пет“, со кои заврши првиот дел за 12-17.
Кавадарчани веднаш по паузата продолжија со своето темпо и бргу создадоа и највисока предност од девет голови (12-21 35 минута). Слично како и во првото полувреме помладите битолчани успеаа да возвратат со своја серија од три голови, но повторно немаа сили за повеќе. Затоа предноста на противникот во средина на вториот дел се движеше околу седум голови разлика.
До 50 минута Еурофарм Пелистер 2 намали дел од високата негатива, па во последните пет минути двете екипи влегоа со дистанца од пет погодоци, разлика која се одржуваше до последната секунда. На пет минути до крајот на натпреварот домашните ракометари имаа шанса да ја намалат предноста на противникот, но голманот Брауновиќ не дозволи драма во финишот на дуелот.
Кога веќе беше познат победникот на овој дуел, рутински се одиграа двете последни минути од дуелот. Домашните ракометари повторно ја вратија разликата на пет голови, имаа шанса да дојдат и до „минус четири“ но погодија во стативата на голот на Тиквеш. Во последниот напад гостинските ракометари не нападнаа кон противничкиот гол и го завршија овој дуел со победа од 30-25.
Никола Стефановиќ со 9 погодоци ја предводеше листата на стрелци кај Тиквеш. По 5 голови постигнаа Симиќ, Хамзиќ и Коцев. Кај Еурофарм Пелистер 2 најпрецизен беше Павле Петровиќ со 8 голови, а го следеше Ѓоргоски со 5.