Екипата на Еурофарм Пелистер во дерби дуелот против Вардар дојде до важна победа, со три гола разлика, 26:23. Доволно да ја преземе пол позицијата на табелата во трката за титулата на две кола до крајот. Битолчани со победата против Вардар успеаја да направат голем чекор кон зацртаната цел – освојување на шампионската титула.
Победата над вечниот ривал беше прославена во речиси секој локал на Широк Сокак.
Фановите на Еурофарм Пелистер заедно со тренерите Александар Јовиќ и Звонко Шундовски, кој е дел од стручниот штаб на ,,фармацевтите” направија спектакуларна фешта. Прославата со факели, навивачки и изворни песни траеше долго во ноќта. Титулата е веќе на дофат, па така секој битолчанец имаше причина за голема радост, која кулминираше кога се запеа новата ракометна химна “Ако одам во Битола”…
Битолскиот тим во последните две кола игра против Охрид и Тиквеш, дуели на кои му се потребни вкупно 4 бодови за враќање на драгоцениот пехар во Битола.