Најголемата сензација во последното коло од квалификациите за Европското првенство 2024 година ја приреди селекцијата на Грузија, која обезбеди место на континенталниот собир за првпат во својата историја откако триумфираше кај Унгарија со 31-30!
Стрелец на клучниот гол беше десниот бек Гиорги Сковребадзе од пенал, а одличен настап имаше и голманот на Охрид, Зураб Цинцадзе со 14 одбрани.
Долго време Грузија играше претквалификации и квалификации, но не успеваше да го направи последниот чекор. Еден од најдобрите грузиски ракометари, кој има и македонски пасош е Реваз Чантурија, десното крило кое од Шевардени Тбилиси се пресели во Металург и со успех долги години настапува во Македонија, а многу долго време го носеше и репрезентативниот дрес на Грузија.
Тој вели дека по домашниот пораз од Швајцарија, малку кој ќе се надеваше на сензација.
„Имавме тешка група со Унгарија, Швајцарија и Литванија, ние се надевавме претходно дека можеме како третопласирани да одиме на ЕП, но искрено со последниот загубен натпревар од Швајцарија дома скоро и да загубивме надеж затоа што требаше да ја совладаме Унгарија на гости од која загубивме на првиот меч со 17 гола разлиа. Многу малку луѓе веруваа во ваков подвиг, ама спортски е да се надеваш до последно, и така се случи. Перфектна игра на репрезентацијата, без разлика на тоа Унгарија со каков состав играше, беше победена на нејзин терен и Грузија сосема заслужено се пласираше на ЕП 2024 и честитки до сите“, вели Чантурија.
Десното крило вели дека ракометот во минатото бил многу популарен во Грузија и верува дека овој пласман на ЕП 2024 ќе биде мотив плус за одново популаризација на овој спорт.
„Ракометот во Грузија беше многу популарен спорт особено во шеесетите и седумдесеттите години. Полни сали и еуфорија низ државата. Тогаш беше генерација на Ампилогов и тимот на Буревесник Тбилиси, па дојде времето кога станавме независна држава. Во деведесеттите доминираа играчи од типот на Каландадзе, Бокочадзе, Туркија, Ерадзе…а дел од нив играа и во Вардар, но тогаш беше бурно време низ државата. Потоа дојде 2000 година и генерација во која бевме јас, Тевзадзе, Русиа, Датукашвили, Мсквилидзе, Чиковани…добра и перспективна генерација, но не знам како да кажам, нонстоп ни фалеше некој мал детал, што долго време не можевме да го најдеме. Имавме некои резултати со различни селектори, но бевме далекки од ЕП или СП. Сега имаме една страшна генерација во која најстариот играч има 26 години. Со многу работа, посветеност и сериозен пристап од сите аспекти, сметам дека екипата и резултатите ќе траат долго. Јас сум жив сведок како Македонија на чело со Кире Лазаров се дигна во 2009 година и еве после тоа игра на сите големи натпреварувања. Добри услови, смена на генерација, сериозен пристап, професионализам, квалитетни поединци…Слично е сега и кај нас, посакувам да го доживееме истото, а успехот ќе помогне за популаризација на ракометот во Грузија. Кадетите исто така ќе играат на СП во групата со Македонија, Норвешка и Црна Гора каде што најверојатно ќе помогнам како тренер, еве сениорите ќе играат на ЕП 2024, па сигурно и државата во иднина ќе застане зад нив и ќе помогне за подобри услови“, продолжи Чантурија.
Тој долго време го носеше репрезентативниот дрес, но сега не беше дел од големиот успе.
„Ова е тешко прашање за мене. Ако гледам од тренерска позиција сум многу среќен и горд на успехот, ако гледам од играчка позиција, пак сум среќен ама чудно ми е што не сум таму и имам измешани чувства. 22 години го носев репрезентативниот дрес, а на секој спортист му е сон да игра на ЕП, СП и ОИ. Летото добив повик од тренерот Каландадзе да помогнам на репрезентацијата, ама веќе ја имав прифатено понудата од Прилеп да бидам во двојна улога како тренер и играч, па целата концентрација ми беше за новиот предизвик како тренер. Секогаш барам и давам максимум од мене и не си дозволив да се борам за мојата држава без да бидам спремен доволно и затоа се решив во овој период да се пензионирам од националниот тим. Сосема различно е да си играч и да си тренер, а уште потешко е да си тренер-играч“, продолжи Чантурија.
Грузиецот сепак не ја отфрла опцијата дека во иднина би можел да биде одново дел од репрезентацијата во било каква улога.
„Има време до ЕП, сега сум фокусиран на Прилеп да остане во Суперлига, каде што му е местото и ќе направиме се за да ја оствариме целта. Следува лето полно со нови предизвици и искушенија, но знам дека ако ме побараат и ако јас се чувствувам спремен, ќе помогнам во било каква улога“, заврши Чантурија.
Грузија ќе биде во последниот шешир пред ждрепката за ЕП 2024 на 10 мај и со тоа станува потенцијален ривал на Македонија на континенталниот собир.