Ракометарите на Аеродром ја продолжуваат битката за директен пласман во Супер лигата, откако во натпревар од прволигашиот плеј-оф на гостувањето во Кичево кај истоимената екипа забележаа убедлива победа од 40:23 (18:8).
Тимот на Кичево на овој дуел настапи со само десет ракометари и без доволно ротација и опции во нападот немаше никакви шанси да се надигрува против гостинот, кој излезе во полн состав и уште на полувреме ги запиша новите бодови во прволигашката конкуренција.
Најефикасен во победничката екипа беше поранешниот кадетски репрезентативец на Македонија, Наум Костов со седум погодоци, по шест реализации имаа Филип Пајкоски и Мартин Бучковски, додека по пет гола додадоа Никола Анакиевски и Андреј Петрески.
Одлична партија на голот на Аеродром имаше Марко Богдановски, забележа 11 интервенции за едно полувреме, во кое прими само осум гола и успеа да се запише и во листата на стрелци.
Кај Кичево најефикасни беа Дарио Јаковлески со осум и Никола Шипинкоски со шест погодоци. Останатите ракометари од домашниот табор не беа на висина на задачата.
Аеродром со новата победа дојде до 31 бод на табелата, ист број на бодови има и Драчево. Актуелен лидер во плеј-оф фазата во Првата лига е дебитантот Мулти Есенс со 39 бодови.