Ракометарките на Ѓорче Петров прославија победа на гостувањето во дерби мечот со Вардар со 26-25 и ја одбранија шампионската титула во Женската лига.
Тренерот на ѓорчепетровки, Симе Симовски е задоволен од остварената цела, иако имаше и подеми и падови.
„Нормално е кога бркаш резултат и кога се стремиш кон нешто да ја оствариш целта, нормално е дека има падови и подеми. На натпреварот со Вардар, големи честитки за нашите ракометарки што го издржаа притисокот за да ја остварат целта и дел од нив одговорија позитивно, па на нив ќе се смета и понатаму, затоа што оваа екипа е склоп на малку поискусни и на кадетки“, вели Симовски.
Тој смета дека на дербито со Вардар победи подолгата клупа и поширокиот ростер на Ѓорче Петров.
„Стартувавме со комбинирана постава со која не го играме цело првенство, имаме поголема клупа и тоа победува во суштина. На натпреварот со Вардар тоа пресуди. Имавме во финишот конфузија во напад, не беше одработено паметно, барав широчина и да се одигра еден на еден по средина или два на два“, продолжува Симовски.
„Секој тренер цели да биде без пораз, сакаме да го освоиме и Купот“, заврши Симовски.