Поранешниот европски шампион ЧСМ Букурешт на три кола пред крајот го потврди првото место и шампионскиот пехар во најскапата женска лига на светот. Во ланската сезона првото место го освои тимот на Рапид Букурешт.
Женските клубови во Романија на големо вложуваат во последните неколку сезони и на нивните одлични суми со кои располагаат може да им позавидат и многу машки тимови кои играат во европските купови.
Според информациите на романскиот портал „ПроСпорт“ вкупниот буџет на сите 14 екипи кои играат во оваа сезона во најквалитетното натпреварување во Романија изнесува 27 милиони евра.
Буџетот во следната натпреварувачка сезона 2023/24 ќе биде поголем, со оглед на тоа дека во најсилната лига во Романија ќе се врати Корона Брашов, која ќе има на располагање нешто повеќе од три милиони евра.
Интересно е што дел од екипите кои осетно се засилија финансиски и играчки, останаа без место во Европа. Баја Маре, поранешен учесник во Лигата на шампионите, со буџет од 1,5 милиони евра не успеа да обезбеди пласман меѓу најдобрите шест екипи.
ЧСМ Букурешт за оваа сезона, според „ПроСпорт“, има буџет од 3,8 милиони евра што е секако голема сума кога станува збор за женски ракомет. Сума од 3,2 милиони евра има Рапид Букурешт, потоа следуваат Глорија Бистрица и Дунареа Браила со по три милиони евра.
Како изгледаат буџетите на женските суперлигаши во Романија според „ПроСпорт“ може да видете во продолжение.
БУЏЕТИ ЗА СЕЗОНА 2022/23
ЧСМ Букурешт – 3,8
Рапид Букурешт – 3,2
Глорија Бистрица – 3
Дунареа Браила – 3
Валчеа – 2,5
Глорија Бузау – 2,5
Крајова – 1,8
Баја Маре – 1,5
* Сумите се изразени во милиони евра
Екипите кои се наоѓаат во средниот и долниот дел на табелата, како Магура Чиснадие, Таргу, Миовени, Слатина, Залау и Галати, за оваа сезона имаат буџет од околу 900.000 евра, односно секоја екипа од нив има речиси три пати поголем буџет од сите женски македонски клубови заедно.