Ракометарите на Јехона ја запишаа првата победа во плеј-аут фазата во Првата лига откако пред домашната публика го совладаа Партизан од Гевгелија со 32:27.
Првиот дел, кој мина со многу пресврти, изедначувања и голема борба за секоја топка, заврши со резултатска предност за домаќините од три гола разлика, 15:12.
Првиот удар екипата на Јехона го зададе кога се одлепи на 20:16, додека вториот, вреден за победа, го направи во 42-та минута за зголемување на предноста на ,,плус пет” 25:20.
Гостите во остатокот од дуелот не можеа да им парираат на домаќините, ги зголемија грешките и заостануваа на висока негатива.
Најефикасни во победничката екипа со по седум погодоци беа Михајло Живкоски и Виктор Марковиќ.
Кај Партизан Гевгелија се истакнаа Иван Велев со седум и Горан Лисичков со шест погодоци.