Екипата на Аеродром во натпревар од 3. коло од плеј-оф фазата во Првата лига запиша победа против Шампион од два гола разлика, 31:29.
Со новата победа Аеродром останува во игра за првите две позиции на табелата кои носат пласман во Супер лигата.
Ракометарите на Дарко Петровски во првиот дел имаа контрола на резултатот до 20-та минута и најчесто водеа со два до четири гола позитива. По водството на Аеродром од 11:8, тимот на Шампион влезе во посакуваниот ритам, направи одлична серија од 4:0 и во 22-та минута го презеде водството во свои раце, поведе со 12:11.
Аеродром го надмина кризниот период, во кој шест минути немаше реализација во голот на ривалот. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол, избраниците на Слободан Чивлачки никако не можеа да дојдат до поголема позитива од еден гол, така што првиот дел заврши нерешено, 16:16.
Почетокот на продолжението започна со два гола на Аеродром, кој дојде до ,,плус два” 18:16. Шампион првиот гол во вториот дел го постигна по пет минути игра преку Пејковски. На секој постигнат гол на Шампион, ракометарите на Аеродром возвраќаа со два во низа и резултатот во 40-та минута беше 21:19 за тимот на Петровски.
Во последниот период дојде до пад во играта кај Шампион и избраниците на Чивлачки не можеа да се изборат за нов камбек. Аеродром во 45-та минута имаше солидно водство од 24:20 и со исто темпо продолжи до последната минута. До крајот немаше резултатска промена, иако на моменти Шампион се обиде да се закани, сепак, никако не дојде до еден гол негатива.
Победничката екипа беше предводена од Наум Костов со 11 и Иван Митревски со шест погодоци. Кај Шампион се истакна Филип Спирковски со шест реализации, додека по пет погодоци постигнаа Илија Пејковски, Стефан Огненовски и Дамјан Миноски.
Со новите освоени бодови Аеродром се изедначи со Драчево, и двете екипи имаат по 25 бодови, но тимот на Драчево има натпревар помалку. Моментално, лидер во прволигашкиот плеј-оф е дебитантот Мулти Есенс.