На денот на шегата, новиот суперлигаш Алкалоид го направи најголемото изненадување досега во машката Супер лига победувајќи го Вардар со 22-21 (13-10) со што тимот од Автокоманда фаќа приклучок и во трката за титулата. Но, победата на Алкалоид не беше шега туку заслуженa, и тактички одработен натпревар во кој имаа доминација во голем дел од средбата. За Вардар ова е прв пораз во домашното првенство по 26 март 2022 година, а за Алкалоид прв „голем скалп“ сезонава во домашното првенство. „Сините“ заслужено се радуваат на триумфот, и имаа предност од 13-6 во првото полувреме. На крај дозволија драма во последните минути, но имаа среќа.
Сега Алкалоид има 18 бода, исто колку и Еурофарм Пелистер, а Вардар е лидер со 21 бод. До крај на првенството остануваат уште седум кола.
Двете екипи играа двапати меѓусебе досега, и двапати победи Вардар, но на првиот меч во Струга летово, младите ракометари од Автокоманда покажаа дека сезонава нема никого да респектираат. А тогаш Вардар се спаси. Исто беше и на првиот меѓусебен дуел во „Јане Сандански“ лани есента.
Домашните од почеток играа одлично во одбраната, ги затворија сите места на кои можеа вардарци да поминат, на моменти и агресивно со што му покажаа на гостинот дека во Автокоманда ќе им биде многу тешко. Го имаа и расположениот голман Благојче Трајковски кој во првиот дел имаше осум успешни одбрани, некои и во клучните моменти кога Алкалоид резултатски се одлепуваше.
По последното израмнување, 2-2 во 6 минута, следуваше серија на Алкалоид со која за осум минути веќе отидоа на 7-3 (14 минута). Токму во тој период голманот Трајковски имаше три клучни одбрани.
Највисоката предност Алкалоид ја имаше во 20 минута кога првпат поведе со 11-5, а потоа и со 12-6. Но, тука не застанаа сините, бидејќи Божидар Илиески од пенал зголеми на 13-6 во 25 минута како најава за можно изненадување.
Тренерот Владо Недановски во 21 минута мораше по вторпат во едно полувреме да бара тајмаут сакајќи да „ги разбуди играчите“ на Вардар.
Вардар имаше проблем и со двете исклучувања на Куни Моралес што ги доби за 20 минути, па во одбрана Кубанецот мораше да биде повнимателен. Затоа во игра беше повеќе Томи Јагуриновски.
По шест минути без гол Вардар во 26 минута преку Манасков го „скрши мразот“ и намалија на 13-7. Тоа беше период во кој Вардар играше добра одбрана, па Кирил Лазаров мораше да бара минута одмор. Вардар веќе наликуваше на оној препознатлив тим со одлична игра во одбрана, па следуваа уште два гола во мрежата на Трајковски и намалување на резултатот на 13-10 и најава на интересни и можеби и драматични следни 30 минути во кои ќе се реши победникот.
И второто полувреме почна слично, бидејќи Алкалоид искористи неколку напади со кои повторно дојде во водство од „плус 4“ за 15-11. Ама Вардар делуваше помотивиран и играше подобра одбрана, исто како иво последните минути од првото полувреме. И тоа им донесе намалување на резултатот на 15-14 во 38 минута.
Мартин Томовски во два напади двапати одбрани, а Гоце Георгиевски во 41 минута од крило го израмни резултатот на 15-15 и повторно двете екипи „почнуваа од нула“.
Сега Лазаров мораше да бара „минута одмор“ за совети. Тоа им донесе ново водство од 16-15 преку Божидар Илиески, а потоа Трајковски повторно одбрани, сега шут на Талесски, по што Серафимов донесе ново водство, кое Божидар Илиески од контра го зголеми на 18-15 во 45 минута.
Драмата во Автокоманда продолжи со двата гола на Вардар со кои „црвено-црните“ намалија на 18-17, а потоа во еден долг напад вардарци баш немаа многу идеи, и Куни Моралес шутна во рацете на Трајковски. Кубанецот потоа пак имаше шанса, ама направи престап и пропадна и таа можност.
Вардар беше во игра постојано, доаѓаше на „минус 1“, ама не ги користеше шансите за израмнување. Трајковски секогаш се испречуваше пред топката да влезе во голот.
Манасков во 55 минута конечно израмни на 20-20. Во следниот напад Давид Савревски од десно крило промаши над гол, а откако не го релизираа нападот Вардар дури во следниот преку контра на Георгиевски зголемија на 21-20 што беше прво водство на „црвено-црните“. По исклучувањето на Аларов во 57 минута Алкалоид погоди за 21-21.
Вардар пак имаше шанса да поведе, па дури и играч на Алкалоид доби 2 минути (Маркоски), но под пасивна игра Талески шутираше а топката од статива заврши кај Трајковски.
Серафимов од пенал го надмудри Ристовски па повторно домаќините, а ударот на Талески заврши во рацете на Трајковски кој ја имаше 14 одбрана. Вардар најважните топки на крај ги прокоцка, па дури и последните 15 секунди во кои не погодија.
Кај Алкалоид Мартин серафимов постигна 7 гола, а по три дадоа Михајло Младеновиќ, Божидар Илиески и Дарио Кофиловски. Домашниот голма Благојче Трајковски одбрани 14 топки, а неговиот колега од спротивната страна Мартин Серафимов осум.
Во тимот на Вардар најефикасен беше Дејан Манасков со седум гола, а четири даде Филип Талески.
Во следното коло Вардар гостува кај Пролет, а Алкалоид е домаќин на Тиквеш.