Вардар со поддршка за судиите пред дербито – ќе им овозможиме да имаат лесна задача

В недела очите на македонската спортска јавност ќе бидат свртени кон СЦ „Јане Сандански“ и најголемото дерби на македонскиот ракомет.

Вардар и Еурофарм Пелистер ќе го имаат прво соочување, а тоа ќе мине со арбитража на Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола.

Од македонскиот шампион се обратија и ги поддржаа официјалните лица, посакувајќи се да помине во спортска атмосфера.

„Пред неделното ракометно дерби со Еурофарм Пелистер, кое е најголемото ракометно ривалство во Македонија, и по делегирањето на официјалните лица на натпреварот ракометниот клуб Вардар сака да даде поддршка на спортскиот аспект на натпреварот.
Вардар верува дека целиот меч ќе мине во крајно коректна и спортска атмосфера, и официјалните лица делегирани за овој меч ќе бидат на висината на својата задача, исто како и сите други учесници на мечот.

Македонија секогаш имала квалитетни судии, а меѓу нив се двојката Митревски – Тодоровски кои ќе бидат дел од нашиот ракометен дуел. Со своето знаење, искуство и интегритет многупати досега покажале дека се зрели за вакви натпревари. Ние ќе се обидеме да им овозможиме да имаат што е можно полесна задача.

На дерби средбите на кои играл Вардар секогаш правдата ја делеле најдобрите, најчесто Николов – Начевски, моментно најдобриот светски судиски пар. За нас никогаш не било важно кој ја дели правдата, и кој е делегат, и затоа сакаме да им дадеме целосна поддршка на официјалните лица и да им посакаме успешен натпревар, каде треба да победи моментно подобрата екипа.

Ќе се бориме за секоја топка и на секој сантиметар од теренот. Треба да победи спортот и ракометот.

Од навивачите на двата тима очекуваме подеднакво спортско однесување на трибините, и заеднички да се направи вистинска ракометна фешта.
Ве очекуваме во недела во СЦ „Јане Сандански““, се вели во обраќањето на шампионот.

Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер се игра в недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.

Комити со пиво, бургери и ди-џеј ќе се загреваат за „двобојот“ со Чкембари

Се острат за дербито – цела Битола по титула (ФОТО)