Денеска во Белград од 18:00 часот, се игра последниот натпревар од регуларниот дел на СЕХА лигата меѓу Партизан и Татран Прешов. Во моментов Вардар е на второто место со гол разлика 0, но може да биде и прв и трет, иако тие две варијанти се малку веројатни.
Победа на Партизан од три погодоци, но притоа натпреварот да биде ефикасен со повеќе од 55 гола, односно со резултат 29-26, 30-27 итн…значи дека сите три тима ќе имаат гола разлика 0. Сепак со поголемиот број постигнати погодоци Татран и Партизан би го минале Вардар, и нашиот тим би завршил на третото место и би одел на дуел со Веспрем.
Вардар може да биде прв и да оди на четвртфинален двобој со Еурофарм Пелистер, но таа варијанта слично како и претходната, не е многу веројатна. И во овој случај Партизан мора да победи со три гола разлика, но во мечот со најмногу 45 гола, односно со резултат 24-21, 23-20 итн…Тогаш сите екипи одново би имале гол разлика 0, но „црвено-црните“ би биле најдобри и би го освоиле првото место во групата.
Ако победи Татран, или мечот заврши реми, позициите остануваат како што се во моментов, а тоа значи дека Вардар ќе го избегне третото место, односно Веспрем и ќе оди на дуел со Војводина. Исто така ако Партизан победи убедливо, односно со четири или повеќе голови, или ако победи минимално односно со еден или два гола разлика или пак конкретно со резултатите што не се опфатени во горните услови со три гола разлика (26-23, 27-24 и 28-25), тогаш Вардар останува на втората позиција и ќе оди на дуел со српскиот шампион од Нови Сад.
СЕХА лига, група А, табела:
- Татран Прешов 6 (80:77)
- Вардар 6 (105:105)
- Партизан 3 (79:82)