Поранешниот стратег на Струга, Наум Танески, најверојатно се враќа на клупата на овој тим. Танески вечерва би требало да го има првиот тренинг со старо-новиот клуб, а викендов треба да го предводи тимот во Купот на Македонија.
Преговорите на стратегот и раководството на клубот се веќе завршени, останува да се договорат уште некои ситни детали, пред да биде официјализиран камбекот на Танески. Тој ќе биде замена за Жарко Ферукоски, а дополнително ќе бид познато дали досегашниот тренер ќе остане во клубот на друга функција.
Оваа сезона стружани играат во плеј-аутот од Суперлигата, но лошо тргнаа бидејќи имаат четири порази. Загубија од Скопје и Прилеп на гостински терен, а на домашен беа поразени од Голден Арт и Куманово.
Стружани со 3 бода се на седмото место од плеј-аутот, а тие ги пренесоа од регуларниот дел. Во продолжение Танески ќе има задача да го крене нивото на тимот и да биде обезбеден опстанокот во елитното друштво на еден од клубовите кој е расадник на многу ракометари.
Тимот во меѓусезоната остана без искусниот столб на одбраната Велко Маркоски, кој се пресели во Вардар, додека Бобан Блажески реши да ја заврши кариерата. Струга претстојниот викенд ќе игра со Еурофарм Пелистер во четвртфиналните групи од Купот на Македонија.