Светската ракометна федерација утринава објави дека победникот на ИХФ трофејот во кадетска конкуренција, Гвадалупе, се пласира на Мундијалот во Хрватска.
Истата информација ја објави и грузиската федерација, со разочарување дека второто место нема да им донесе билет за СП.
Сепак попладнево, следуваше корекција на информацијата. Според пропозициите, Гвадалупе, како група на острови што припаѓаат на Франција, која пак веќе е квалификувана на СП, нема право да оди на Мундијалот.
Тоа значи дека местото на СП го добива вторпласираната селекција од ИХФ трофејот, а тоа е Грузија. Значи Македонија, покрај Норвешка и Црна Гора, ќе игра и со трета европска селекција на Мундијалот во Хрватска.
Грузијците имаа победи против Никарагва со 43-27, против Тахити со 36-20 и против Нигерија со 27-26, а загубија од Гвадалупе со 33-29.
Светското првенство за кадети ќе се игра во четири хрватски градови од 2 до 13 август, а македонската репрезентација ќе игра во Ријека.
Кадетите добија егзотичен ривал: Македонија ќе игра против Гвадалупе на СП!