Селекцијата на Турција славеше по вторпат над Луксембург со 31-20 и останува во трка по билет за Европското првенство 2024 година.
Турците го решија прашањето околу победникот уште по првиот дел, кога беше 17-8, а вториот дел беше само формалност.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Јагморуглу со седум гола, и Канбероглу и Пеливан со по шест погодоци, а членот на Охрид, Ерај Каракоч даде еден погодок.
Турција сега има 4 бода, исто колку и Македонија, а прва е Португалија со осум бода, па нашата селекција ќе почека до април за официјално да ја прогласиме за учесник на континенталниот собир.
Италија ја совлада Летонија на гости со 29-23 и остана во игра за место на ЕП, додека Литванија триумфираше против Грузија со 35-27. Голманот Зураб Цинцадзе кој имаше 12 одбрани не можеше сам против расположените домаќин, а Хазеин Рустамов даде еден гол.
Во ЕХФ Евро Купот, светскиот шампион Данска забележа втора победа над домаќинот на ЕП, Германија, овојпат на гостински терен со 28-21.