Ракометарите на Нексе во рамки од 5. коло од регионалната СЕХА лига се радуваа на втор триумф, откако на свој терен ја совладаа Војводина со пет гола разлика, 36:31.
Српскиот шампион, кој во Нашице допатува со младинци, во речиси најголемиот дел од натпреварот беше во негатива и немаше доволно сили да направи нешто повеќе во овој дуел.
Предводник во победничката екипа беа Лука Мославац со осум погодоци, додека по седум реализации имаа Томислав Северац и Карло Годец.
Кај Војводина одлична партија имаше Бранко Томиќ, кој воедно беше и најефикасен на средбата со девет погодоци. Втор стрелец во клубот од Нови Сад беше 15-годишниот Ѓорѓе Драшко со пет гола.
Нексе е следен ривал на Еурофарм Пелистер во регионалното натпреварување. Доколку избраниците на Јовиќ слават против тимот на Нексе, тогаш сите три екипи би имале по две победи, односно шест бода и за конечниот пласман во А групата би одлучувала гол-разликата.
Дуелот меѓу битолскиот тим и хрватскиот вицепрвак ќе се одигра на 14 март со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.