Ракометарите на Шампион предводени од Петровски и Пејковски на гостувањето во Свети Николе забележаа важен триумф од 31:25 и останаа во борба за пласман во плеј-оф фазата од Првата лига.
Гостинскиот тим од Скопје во најголемиот дел од натпреварот беше во водство, имаше мал пад во финишот од првиот дел, кога домаќинот го презеде водството и на полувреме замина со предност од 16:15.
Во второто полувреме тимот на Шампион со неколку серии се одлепи на солидна предност и не дозволи домаќинот да има било какви шанси за уште еден камбек.
Најефикасни во победничката екипа беа Живко Петровски со десет и Илија Пејковски со осум погодоци. Во домашниот табор тројца ракометари беа најефикасни со по пет гола, Димитрија Крстев, Даниел Постоловски и Дино Динев.
Шампион на табелата во групата А сега дојде до 18 бода и се изедначи со Овче Поле, кој исто така има 18 бода на свое конто, додека четвртопласираниот Кичево има бод повеќе, односно 19.
Двете екипи до крајот од регуларниот дел од Првата лига ќе одиграат уште еден натпревар. Екипата на Шампион ја очекува дуел со Македонија ЃП, која веќе обезбеди пласман во плеј-оф фазата, додека Овче Поле во следното коло ќе игра со Младост Богданци.