Еден од тимовите кои обезбедија настап во плеј-оф фазата, тимот на Металург РА потешко од очекуваното дојде до победа против Преспа, триумфираше минимално со 23:22 (10:13) во натпревар од 16. коло од прволигашката конкуренција.
Преспа во првиот дел имаше контрола на резултатот и беше подобриот противник на теренот, додека гостинот од Автокоманда го презеде водството во второто полувреме и во последните минути успеа да обезбеди залиха од три гола, која беше клучна за денешниот триумф во Ресен.
Најефикасни во победничката екипа беа Виктор Петковски со седум погодоци и Дамјан Наумовски со четири реализации. Во составот на Преспа листата на стрелци беше предводена од Мартин Табаковски со седум погодоци.
Металург РА заедно со екипите на Драчево, Аеродром, Голден Арт 2 и Астраион се патниците од групата Б во плеј-офот. До крајот од регуларниот дел од Првата лига треба да се одиграат уште две кола.