Екипата на Еурофарм Пелистер следната недела ќе го промовира новиот тренер, откако денес раководството на клубот спогодбено ја прекина соработката со Ларс Валтер.
Причината за разделбата на Еурофарм Пелистер и данскиот стручњак е поради лошите резултати кои битолскиот тим го оствари во групната фаза од Лига на Европа.
Иако амбициите на македонскиот вицепрвак беа скалило погоре во однос на претходната сезона, кога клубот обезбеди пласман меѓу најдобрите 16 екипи во второто по квалитет европско натпреварување, сепак, ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа под своите можности.
Од клубот информираа дека во текот на следната недела ќе биде промовиран новиот предводник, кој уште на своето деби ќе има голем предизвик.
Имено, новиот тренер на Еурофарм Пелистер ќе треба добро да го подготви тимот за дерби натпреварот против актуелниот шампион Вардар. Дуелот меѓу двата фаворити за титулата ќе се одигра на 25/26 март во СЦ „Јане Сандански“ .
На утрешниот натпревар против Пролет екипата ќе ја води првиот асистент на Валтер, Божидар Мојсов.