Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер утре го очекува натпреварот против португалскиот Агуаш Санташ во Лигата на Европа.
Пивотменот Жарко Пешевски вели дека со поддршка од битолската публика, тимот ќе се радува на триумф.
„По подолго време се враќаме во нашиот спортски храм. Имавме тешки натпревати во гости, блиску бевме до подвиг на дел од тие натпревари, но малку и среќата ни го сврте грбот. Без среќа во спортот не може и треба овие натпревари да ни бидат поука како да се подобриме. Агуас Санташ ме изненади со победата против Бидасоа Ирун, но оваа екипа има квалитет и игра подобро отколку во првиот дел на сезоната. Во Португалија по макотрпна борба ги освоивме бодовите. Спремни сме и, со поддршка од битолската публика, верувам дека ќе се радуваме“, вели Пешевски.
Македонскиот репрезентативец вели дека Еурофарм Пелистер веќе нема право на лош ден.
„Влегуваме во најважната фаза на сезоната, немаме веќе право на лош ден. Дојдовме тука да покажеме дека заслужуваме да го носиме овој дрес и да гинеме на сите фронтови. Утре е денот Д и со евентуална победа ќе го осигураме местото во Европската лига. Покажавме и против Бутел дека оваа екипа има карактер, дека не играат само имиња. За добар натпревар мора да играш тимски за да дојдеш до бодовите. Ќе биде интересен пролетен дел од сезоната и ќе го покажеме вистинското лице“, вели Пешевски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Агуаш Санташ се игра утревечер во „Боро Чурлевски“ од 20:45 часот.