Ракометниот сојуз на Хрватска пред неколку дена го назначи Горан Перковац за нов селектор на машката сениорска репрезентација, откако довчерашниот селектор на ,,коцкестите” Хрвоје Хорват доби отказ поради неостварување на зацртаните цели на Светското првенство 2023.
Сепак, актуелниот тренер на Загреб, Славко Голужа, кој исто така има репрезентативно искуство, има амбиции да се врати на селекторската функција.
Стратегот на Загреб веќе истакна дека ќе ја објави својата кандидатура за нов селектор кога тоа ќе биде потребно, односно кога ќе се бира нов предводник. Тоа веројатно би било по истекот на мандатот на новиот селектор Перковац.
,,Јас морам да кажам дека се пријавив да бидам следен селектор. Мислам дека тоа е моја обврска, дека е обврска поради резултатите што ги постигнав со репрезентацијата и со клубовите што ги водев. Да се освојат три медали во една година не е мала работа. Со посветената работа, големото срце со кое ја водев репрезентацијата, мислам дека моја должност е да се кандидирам за следен селектор. Верувам дека можеме да се вратиме на светскиот врв. Јас сум тој што дава максимална поддршка на нашиот нов селектор, разговаравме, разменивме неколку пораки. Не му е лесно, има многу работа и мислам дека дури сега ќе го почувствува притисокот како е да се биде селектор во Хрватска”, изјави Голужа во спортска емисија на хрватската телевизија ХРТ.
Голужа беше предводник на репрезентацијата на Хрватска во периодот од 2010 до 2015 година.