Покрај ракометарите и ракометарките, Македонија на европско и светско ниво достојно ја претставуваат и официјалните лица, судии и делегати. Последен доказ за тоа беа Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои го судеа финалето на Мундијалот во Полска и Шведска.
Македонија во моментов има шест судиски двојки со ЕХФ значка, од кои две веќе имаат и ИХФ значка, па можат да судат и на настани под капата на светската куќа на ракометот.
Покрај овие шест двојки, Македонија има уште две, кои конкурираат за ЕХФ значка. Станува збор за Лејла Јашар и Михаела Капсарева, кои претстојното лето би требало да добијат шанса да полагаат на некој од младинските шампионати.
Тука се и Марко Огњановски и Дамјан Савиќ, кои се дел од програмата на ЕХФ за млади судии и веќе имаат еден настан зад себе (Универзитетски игри) минатата година во Полска.