- Според информациите на „Еуроспорт“ голманката Теа Пијевиќ, која со репрезентацијата на Хрватска на ЕП 2020 го освои бронзениот медал, во следната сезона ќе има нов интернационален предизвик. Пијевиќ би требало да биде новото засилување во екипата на Глорија Бузау. Моментално на голманската позиција во Глорија Бузау настапуваат двете репрезентативки на Црна Гора, Марта Батиновиќ и Љубица Ненезиќ.
- Голманот на Магдебург, Мик Јенсен својата кариера ќе ја продолжи во актуелниот шампион на Лига на Европа, тимот на Бенфика, пренесува „Handball Leaks“. Данецот во португалскиот клуб ќе пристигне пред почетокот на натпреварувачката сезона 2023/24, односно кога ќе заврши неговиот договор со бундеслигашот.
- Репрезентативката на Сенегал, Раиса Дапина, која го носи дресот на Нант, во следната сезона ќе остане во Франција, но ќе има нов клуб во својата кариера. Искусната ракометарка ќе ги засили редовите на екипата на Ница, во која настапува репрезентативката на Македонија, Јована Мицевска. Десното крило со раководството на Ница се договори на двегодишна соработка.
- Хрватскиот репрезентативец Жељко Муса на лето ќе го напушти Загреб и ќе се пресели во редовите на Криенс Луцерн од Швајцарија. Кружниот напаѓач на ,,коцкестите” во амбициозниот швајцарски тим ќе остане најмалку до 2026 година. Во Криенс Луцерн моментално настапуваат Енди Шмид, Марин Шипиќ, Милош Орбовиќ, како и екс ракометарот на Вардар, Домен Сикошек Пелко.
- Актуелниот шампион на Турција, Кастамону која втора година по ред настапува во Лигата на шампионите, но нема забележителни резултати во елитното натпреварување, ја прекина соработката со довчерашниот тренер Клаус Могенсен. Тренерот од Данска со Кастамону имаше договор на една година, но управата на клубот одлучи предвреме да го раскине истиот, поради лошите резултати во најквалитетното европско натпреварување.
- Францускиот суперлигаш Тулуз ги продолжи договорите со три ракометари. Станува збор за репрезентативецот на Шведска, Фредрик Петерсон, членот на репрезентацијата на Чиле, Ервин Фојхтман и екс ракометарот на Мешков Брест, Баптис Бонефон. Петерсон во Тулуз ќе остане до јуни, 2024 година, Фојхтман до 2025 година, додека Бонефон до јуни, 2023 година, со можност за продолжување на договорот доколку двете страни бидат задоволни од соработката.