Хрватскиот ракометен сојуз денеска потврди дека Хрвоје Хорват не е повеќе селектор на сениорската машка репрезентација.
По слабиот пласман и неисполнетите очекувања, ХРС реши да го промени Хорват и на негово место го избра прославениот репрезентативец Горан Перковац.
Покрај Хорват, целиот стручен штаб на „коцкестите“ заминува од функцијата, а разрешен е и координаторот на сите машки селекции, Лино Червар.
Прва обврска за Перковац ќе бидат квалификациските натпревари против Холандија и Грција за пласман на ЕП 2024. Хрватите веќе имаат две победи и скоро обезбеден пласман во Германија.
Перковац е поранешен хрватски репрезентативец од златните времиња, а тренерската кариера ја градеше низ Швајцарија.
Има 60 години, досега ги водеше Сур, Винтертур, Минден, Либек, Криенс Луцерн и Кадетен Шафхаузен, а беше селектор и на Грција и Швајцарија.