Селекцијата на Данска славеше во финалето на Светското првенство против Франција со 34-29 и ја одбрани титулата светски првак.
Ова е трета круна по ред за избраниците на Николај Јакобсен со што влегоа во историјата на ракометот.
Главен џокер во старо-новиот светски шампион беше Расмус Лауге, кој во дуелот со ,,триколорите” постигна десет погодоци.
За потсетување, членот на Веспрем поголемиот дел од натпреварите на Мундијалот ги следеше од трибини поради повреда, но за финалето влезе спремен, мотивиран и на лесен начин си поигруваше со француската одбрана.
Селекторот на Данска, Николај Јакобсен истакна дека со својот стручен штаб посебно го подготвувале Лауге за финалниот натпревар со Франција.
,,Имаме многу квалитетни играчи, а во финалето ни требаше придонесот на сите што беа на теренот. Имавме посебен, дополнителен дел од тренингот посветен на Лауге за да видиме колку е подготвен, дали неговото тело може да го издржи големиот напор за еден финален меч. Тој беше одлучувачки фактор во вториот дел. Видовте и што ни донесе влегувањето на Мадс Менса Ларсен во вториот дел, тој веднаш влезе и постигна два погодоци. Потоа имаше одличен гол на Питлик, сите имаа придонес во победата. Неверојатна игра на нашата репрезентација”, изјави Јакобсен.
Данска покажа моќ против Франција и ја грабна светската круна!