Finals - France vs Denmark, IHF 2023 Men's World Championship - POLAND, SWEDEN, Stockholm, 29.01.2023, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

Данска покажа моќ против Франција и ја грабна светската круна!

Репрезентацијата на Данска во големото финале на Светското првенство 2023 триумфираше против Франција, со резултат 34:29 и стана единствената репрезентација, која третпат по ред го освојува светскиот шампионат, откако во 2021 и 2019 за златниот медал беше подобра од Шведска, односно Норвешка.

Финалето на 28-то Светско првенство беше отворено со голот на Питлик за водство на данската репрезентација од 1:0. Франција не го стартуваше натпреварот според посакуваното, не реализира неколку напади, па така избраниците на Николај Јакобсен со погодоците на Гидсел и Питлик имаше 3:0 во 5-та минута од дуелот.

Првиот гол на Франција го постигна Дика Мем за намалување на негативата на 3:1, но Данска бргу врати за 4:1. Французите никако не можеа да излезат од кризата и за осум минути имаа постигнато само два, а примено шест гола. Следуваше период, во кој двете репрезентации влегоа во голгетерски ритам. Данците лесно имаа решение за француската одбрана и по десет минути игра повторно дојдоа до четири гола разлика, 9:5.

До тој момент Данска имаше 90% реализација, додека Франција кон средината на првото полувреме имаше шанса да намали на минус два, но Ландин не дозволи ,,триколорите” да имаат шанси за евентуален камбек. Данска играше перфектно во одбраната и нападот и во 15-та минута имаше водство од 12:8.

Finals – France vs Denmark, IHF 2023 Men’s World Championship – POLAND, SWEDEN, Stockholm, 29.01.2023, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Франција на моменти доаѓаше до погодок и во последните десет минути од првото полувреме успеа да искористи дел од грешките на Данска, конечно намали на два гола негатива, 14:12. Ракометарите на Жил при финишот од првите 30 минути заиграа поангажирано намалувајќи на 15:14. Двете репрезентации постигнаа уште по еден гол, а на пауза Данска замина со минимална предност од 16:15.

Мем на почетокот на вториот дел имаше успешна реализација за израмнување на резултатот, 16:16. Нерешено беше и во 32 минута (17:17), а минута подоцна актуелниот олимписки првак не искористи напад за прво водство. Данска за момент се консолидира, дојде до 19:17, и беше чекор пред ривалот.

Finals – France vs Denmark, IHF 2023 Men’s World Championship – POLAND, SWEDEN, Stockholm, 29.01.2023, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

Во 40-та минута водството на Данска беше 21:20 и тука беше јасно дека нијанси ќе одлучат кој ќе го освои Мундијалот. Се играше гол за гол, ракометарите на Јакобсен беа повеќе пофокусирани, но сепак при нивно водство од 24:23 во 45 минута, ништо не беше решено.

Данска во последните десет минути од дуелот влезе со предност од 28:25 и имаше поголема психолошка предност. Ракометарите на Жил беа во трка со времето и во желбата да дојдат до камбек грешеа во нападите. Веќе во 53 минута водството на Данска беше 30:26 и во последните седум минути немаше никаква промена на резултатот, бидејќи разиграните ракометари на Данска одржуваа дистанца од два до три гола, доволно за одбрана на светската круна.

Најефикасни во составот на Данска беа Расмус Лагуе со десет и Симон Питлик со девет погодоци. Кај Франција се истакнаа Недим Ремили со шест и Дика Мем со пет реализации.