Женската репрезентација на Македонија во унгарскиот град Кишварда ќе го игра реваншот од бараж двомечот против Украина за пласман на Мундијалот во Данска, Шведска и Норвешка.
Првиот натпревар од баражот ќе се одигра во Скопје, на 8 април од 19:00 часот, а реваншот е на 11 април од 17:00 часот. Украинската федерација во соработка со ЕХФ го избра овој унгарски град поради тоа што не може да игра на домашен терен.
Победникот од овој двомеч ќе обезбеди место на Светското првенство што се игра кон крајот на годината.
Доколку се пласира на СП, тоа би било голем успех за Македонија, која би се вратила на Мундијалите по 16 години, откако последен пат играше во Франција во 2007 година.