Покрај првакот Ѓорче Петров, уште четири македонски интернационалки ќе ја продолжат борбата во осминафиналето на Европскиот Куп.
Тоа се средниот бек Моника Јанеска и пикерот Ивана Гакидова, кои со турскиот тим Коњалти ја елиминираа Галичанка, Александра Коловска која со Јувента Михаловце беше подобра од шведскиот Луги и Зорица Десподовска, која со полскиот Кобержице го елиминира шампионот на нашиот јужен сосед, ПАОК Солун.
Според шеширите што ги објави ЕХФ, Ѓорче Петров е во вториот тим заедно со Јувента, па може да се случи за ривал да ги добие Кобержице на Десподовска или Коњалти на Гакидова и Јанеска.
Во третото коло отпаднаа тимовите на ПАОК каде што игра Александра Боризовска и ГАС Артас чии бои ги брани Сања Цветкоска.
Ждрепката за осминафиналето во Европскиот Куп ќе се одржи во текот на утрешниот ден со почеток од 11:00 часот, во седиштето на ЕХФ во Виена.