Екипата на Охрид со убедливи 41-20 го совлада Младост Богданци и обезбеди место во осминафиналето од Купот на Македонија.
Победникот беше решен уште во првото полувреме, па во вториот дел тренерот Андоновски шанса им даде на помладите ракометари. Охрид до победата го предводеа Тасески, Костов и Кастратовиќ.
„Одигравме добар натпревар, шанса добија и помладите што беше и цел пред почетокот. Влеговме сериозно во натпреварот без да го потцениме противникот, одигравме добра одбрана, истрчавме добро и постигнавме лесни голови од контра и полуконтра. Сега не очекува натпревар против Вардар Неготино, мораме и таму да изиграме сериозно со 100 % залагање, како би оствариле позитивен резултат, и на тој начин со победа да ја завршиме полусезоната и да влеземе во плеј-офот во победничко расположение“, изјави Кастратовиќ.
Следен предизвик за Охрид е гостувањето кај Вардар Неготино кој исто така лесно стигна до осминафиналето во Купот, откако вчера славеше убедливо над прволигашот Партизан Гевгелија.