Според информациите на 24Ракомет, интернационалката од Франција во редовите на Будуќност, Армел Антигре, која во текот на 2020 година од Алба Фехервар се пресели во клубот од Подгорица, наскоро треба да заигра за црногорската репрезентација.
Искусната голманка како дел од црногорската експедиција на Европското првенство 2022 можеше да се забележи на трибините во СЦ „Борис Трајковски”. Антигре во репрезентацијата на Франција не добиваше шанса да ги покаже своите квалитети, одигра само 16 меѓународни натпревари во дресот на ,,триколорите”.
Со репрезентацијата на Франција настапи на Европското првенство 2014, на кое „сините” го освоија петтото место. Во 2013 и 2014 година беше избрана за најдобар голман во францускиот шампионат. На клупско ниво настапуваше и за Нант, Јенимахал, Париз и Флери.
Во црногорската репрезентација до овој момент има две натурализирани ракометарки. Станува збор за голманката Марта Батиновиќ и средниот бек Матеа Плетикосиќ, кои пред неколку години хрватскиот дрес го заменија со црногорскиот.
Доколку Антигре заигра за Црна Гора, тогаш ќе ја зголеми конкуренцијата на голманската позиција. Марта Батиновиќ и Марина Рајчиќ ја делеа минутажата на Европското првенство 2022, а во комбинација за настап на континенталниот собир беше голманката на Глорија Бузау, Љубица Ненезиќ, која не доби шанса да ги покаже свите квалитети. Црна Гора ги има и талентираните голманки Анастасија Бабовиќ, Јована Кадовиќ…