Залудни 12 гола на Илкова, Вардар лесно се справи со Гевгелија

Ракометарките на Вардар по победата над Пелистер, забележаа уште една победа во Женската лига. Избраничките на Александар Царчев славеа против Гевгелија со 33-27.

Гостинките предводени од Ленче Илкова, парираа успешно во првите петнаесетина минути до 7-6, но потоа тргна вардарова серија за 12-6, што ќе се покаже како клучен период за конечниот резултат. До паузата беше 17-9 за вардарки.

Во вториот дел се измешаа составите на теренот, имаа домаќинките и водство од плус 12 гола, кое беше преполовено до крајот од страна на гевгеличанки.

Црвен картон во 55 минута доби вардарката Попова поради три исклучувања, но тоа не беше проблем за домаќинките, бидејќи од претходно веќе ги имаа обезбедно бодовите.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Сара Миновска со девет гола и Магдалена Тошевска со пет, додека кај Гевгелија се истакнаа најискусните Ленче Илкова со 12 и Мери Гичева со седум гола.

Вардар сега има 27 бода на првото место во групата А, пред Куманово и Чаир со 21, но чаирчанки имаат и натпревар помалку.