Еурофарм Пелистер славеше на незгодното гостување кај Мотор Запорожје со 33:30 и направи голем чекор кон осминафиналето на Лигата на Европа.
Избраниците на Ларс Валтер во најголемиот дел од натпреварот беа во водство и заслужено ги освоија двата бода.
Незадржлив на теренот беше десниот бек Себастијан Хенеберг, кој во мрежата на домаќините постигна дури 14 погодоци и беше најзаслужен за освоениот триумф во Диселдорф.
Според Хенеберг, клучот за триумфот против Мотор Запорожје била цврстата одбрана и подобрата концентрација на неговиот тим.
„Минав неколку тешки недели, бев многу уморен на крајот од натпреварот, но ја исполнивме целта. Дадовме што имавме во себе и одигравме скоро перфектен натпревар. Одигравме перфектна одбрана во одлучувачките моменти, сите си помагавме, голманите бранеа кога се кршеше резултатот, можам да кажам дека бевме концентрирани и заслужено победивме“, изјави Хенеберг.
Следен предизвик за битолчани ќе биде суперлигашккиот натпревар против Тиквеш в петок во Кавадарци, додека во вторник гостуваат кај Бидасоа во Лигата на Европа.
Гол шоу на Хенеберг, Еурофарм Пелистер победнички се враќа од кај Мотор!