Гол шоу на Хенеберг, Еурофарм Пелистер победнички се враќа од кај Мотор!

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер ја забележа втората победа во групната фаза од Лигата на Европа откако славеше на незгодното гостување кај Мотор со 33-30. Клучен играч во битолскиот тим беше данскиот лев бек Себастијан Хенеберг, кој успеа да постигне 14 погодоци од 15 обиди.

Мотор отвори подобро и поведе со 4-2, но Хенеберг врза два гола, а Лесјак му одбрани пенал на најдобриот стрелец на Мотор, Турченко. Василев можеше да донесе водство, но погреши, но истото му се случи и на Анѓелиќ.

Првото водство на битолчани им го донесе Танкоски по десет минути игра, а потоа следуваше и атрактивен гол со цепелин на Хенеберг. Нашиот тим направи две грешки по ред и Мотор израмни на 6-6.

Потоа следуваше по еден гол на двете страни. Водеше Еурофармм Пелистер повторно со два гола, 9-7, беше и 10-8, но одново домаќините се вратија во игра и преку Турченко израмнија на 11-11. Василев донесе предност за битолчани, а Пешевски ја удвои, 14-12. Беше и 15-13,  брзи голови се постигнуваа на двете страни. При резултат 17-16 за Еурофарм Пелистер, домашните тргнаа во напад, но направија техничка грешка, па Пешевски казни во последните секунди за плус два на пауза, 18-16.

По пет минути игра во вториот дел битолчани стигнаа до највисоки плус три со голот на Танкоски, 20-17, а беа искористени и двете грешки на Мотор, па Еурофарм Пелистер имаше пет гола предност, 23-18. Пешевски постигна гол за 25-20, а во таа акција се повреди Атанасијевиќ, кој не влезе до крајот на мечот во игра.

Кизиќ влезе во игра во 44 минута и веднаш запиша одбрана по шутот на Близњук, а Данецот Хенеберг ја продолжи својата стрелба кон голот на Мотор и за првпат донесе плус шест, 30-24 во 50 минута, па тренерот Савукинас мораше да бара тајм-аут. Сепак не се променија многу нештата во финишот и битолчани не дозволија камбек на Мотор. До крајот само рутински беше одржана предноста за втора европска побда. Шанса за настап доби и десниот бек Хосни, кој ќе биде подготвен за напорите во финишот на оваа година.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Хенеберг со 14 гола, четири гола запиша Радовиќ, додека по три пати стрелаа Пешевски, Василев и Танкоски. Турченко беше најдобар стрелец кај Мотор со седум гола, а Горига даде пет. Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде гостувањето кај Бидасоа Ирун.