Македонскиот тренер Стевче Алушовски кој втора сезона е тренер на исландскиот тим Тор Акурејри, ненадејно реши да замине од клубот, откако спогодбено беше решено за прекин на соработката. За многумина ваквата одлука е изненадување со оглед на пофалните зборови што Исланѓаните постојани ги упатуваа кон нашиот тренер..
Алушовски и исландскиот второлигаш потпишаа пред почетокот на сезонава нов договор на три сезони, а лани за малку не успеа да дојде во ситуација да се бори за враќање во најсилната лига. И покрај ветувањата раководството на клубот не донесе нови квалитетни засилувања на бековските позиции, па спаднаа и најавуваните високи амбиции за место во елитната конкуренција. Тоа беше причина и што двете страни решија да ја прекинат соработката.
Сезонава само две квалитетни засилувања дојдоа, македонскиот пивотмен Костадин Петров и Хрватот Јосип Векиќ. Но, недоволно да им се конкурира на другите тимови. Младиот и неискусен тим на Тор имаше само две победи сезонава. Македонскиот тренер имаше амбиција и план сезонава да го врати тимот во елитата, но клубот не успеа да се консолидира со средства за квалитетни играчи, па повеќе се потпираше на домашните ракометари од сопствената академија на кои ракометот им е само „дополнителна дејност“ а не извор на егзистенција.
Раководството на исландскиот клуб е задоволно од досегашната соработка и за локалните медиуми велат дека Алушовски направил многу за напредокот на младите ракометари во клубот. Тој уште лани вклучи доста млади ракометари во тимот што донесе до нивен напредок.
Тор Акурејри одигра сезонава седум меча во Втората лига на Исланд, победи на два од нив, на еден ремизираше, а загуби четири пати. Која ќе биде следната дестинација на Алушовски останува да видиме.