Ракометарите на Струга на гостувањето во Прилеп кај истоимената екипа со подобрата игра во второто полувреме обезбедија победа од 28:21, во натпревар од 11. коло од Суперлигата.
Домаќините помотивирано и поефикасно го отворија дуелот и во воведниот дел беа подобриот противник на теренот. Струга влезе во грч, имаше проблем со реализацијата на стартот, па така ракометарите на Прилеп по десет минути игра имаа активен резултат од 4:1. Струга речиси цели осум минути без беше постигнат погодок, но кризниот период во редовите на гостите не беше целосно искористен од страна на домаќините, кои во останатите 20 минути беа во резултатска негатива од три до четири гола разлика.
Избраниците на Жарко Ферукоски водени од разиграните бекови Лазаревиќ и Цветаноски направија серија од 5:0 и кон средината на првото полувреме поведоа со 6:4. На моменти, голманот на Струга, Дејан Рикановиќ не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа. Искуството на гостинската екипа сѐ повеќе доаѓаше до израз и беше јасно дека домашниот тим ќе има тешка задача за да дојде до евентуален камбек. По 30 минути игра, резултатот беше 14:10 за гостите.
Овие четири гола предност на гостите беа доволно за да имаат поголема психолошка предност во вторите 30 минути. Во ниту еден наврат во вториот дел Прилеп не претставуваше закана, имаше кратки залети, но никако не можеше да се врати во дуелот. Во составот на Струга почнаа да преовладуваат и контрите, се разиграа Блажески и Бугариновиќ и гостите рутински ја завршија денешната задача.
Најефикасен во победничката екипа беше Бобан Блажески со седум погодоци, додека по шест реализации имаа Никола Цветаноски и Петар Бугариновиќ. Во поразениот табор се истакнаа искусните Пеце Ѓоргиевски и Реваз Чантурија, кои постигнаа по пет гола.