Ракометарите на Струга, кои на претходните два натпревари против Куманово и Вардар Неготино дојдоа до триумф, во рамки од 10. коло во Суперлигата на свој терен ќе го пречекаат тимот на Бутел, кој моментално е позициониран на 4. позиција на табелата.
Еден од најдобрите стрелци во составот на Струга, десното крило Бобан Блажески истакна дека неговиот тим ќе треба максимално да се потруди во одбраната и да ја спречи брзата транзиција, која ја практикува Бутел и кој има подолга клупа во однос на струшкиот тим, кој утре ќе настапи во комплетен состав.
„Бутел е екипа која години наназад одржува некое ниво и која знае да биде опасна на домашен, но и на гостински терен. Ние на овој натпревар како домаќини ќе дадеме сѐ од себе за да се покажеме во подобро светло и ќе се обидеме да ја врземе третата победа по ред. Со победа се враќаме во игра за плеј-оф и се надевам дека нашата одбрана ќе биде на високо ниво, бидејќи клупата на Бутел реално е подолго, односно тимот има повеќе ротации, како и играчи на секоја позиција. Бутел е опасен од сите позиции, но ние ќе покажеме како се игра тимски и квалитетно и се надевам дека в петок ќе се избориме за победа и ќе фатиме приклучок за плеј-оф фазата”, изјави Блажески.
Струга во минатото коло потешко од очекуваното го совлада ,,фенерџијата” Вардар Неготино. Според Блажески, натпреварот со Бутел ќе биде шанса неговата екипа да ги покаже квалитетите, кои ги има на располагање и со триумф да ја израдува својата публика.
„Во Неготино можеби бевме уморни од претходниот натпревар со Куманово, на моменти потфрливме, тоа не е нашата реална слика и се надевам дека со Бутел ќе се види тоа. Имаше доста натпревари каде што несреќно изгубивме во последните минути, не ги казнувавме грешките на противникот во наша полза, но се надевам дека ќе има шанса да се поправиме. За натпреварот против Бутел очекувам голема поддршка од публиката. Стружани живеат за ракомет, а навивачката група ,,Паткари“ секогаш прави одлична атмосфера на трибините”, заврши Блажески.
Натпреварот меѓу Струга и Бутел ќе се одигра утре, со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Нико Нестор“. Првиот дуел меѓу двете екипи заврши со минимална победа на Бутел од 27:25. Стружани на свое конто имаат 13 бодови, додека Бутел два бода повеќе (15).