Печенковски стартуваше со триумф – суперлигашко сефте за Јуниор КВ

Тимот на Јуниор Кисела Вода ја оствари првата суперлигашка победа, откако славеше во дуелот против Скопје со 26-25. Горан Печенковски, новиот тренер на клубот, имаше победничко деби во новата улога, иако и во дел од минатата сезона ја извршуваше оваа функција.

Избраниците на Горан Кузманоски водеа со 12-8 во првото полувреме по 17 минути игра, но до паузата постигнаа само уште еден гол. За тоа време, домашните предводени од Матовиќ, реализираа дури седум пати и на пауза водеа со 15-13.

Во второто полувреме беше и плус пет за Јуниор КВ, 20-15, но упорните гости заиграа подобро. Киселовски израмни на 22-22, потоа се играше гол за гол до 24-24, а Николов му донесе на Јуниор КВ клучни плус два, 26-24 кога остана да се игра уште минута до крајот.

Скопје успеа само да намали преку Киселовски, кој ги постави конечните 26-25 бидејќи немаше време за нешто повеќе за гостите на овој натпревар. Најдобар стрелец во победничкиот состав беше Никола Матовиќ со 11 гола, додека кај Скопје се истакна Леонид Киселовски со осум гола.